Политика на приватност
Последна измена: 21.10.2026
Оваа политика објаснува кои лични податоци ги собира АГНЕСА Газмен ДООЕЛ увоз-извоз Битола, со седиште Дојран бр. 34, Битола, ЕМБС 5422183, ЕДБ 4002000141663 (во понатамошниот текст: Агнеса), кога ја користите интернет продавницата и порталот за дистрибутери (B2B), зошто и колку долго ги чуваме, и кои права ги имате. Агнеса е контролор на личните податоци.
Кои податоци ги собираме
- При нарачка: име и презиме, телефон, е-пошта (ако ја внесете; на неа ви ја праќаме потврдата за нарачката), адреса (за достава или за профактурата при вирманско плаќање), забелешка и кодот за попуст (ако го внесете; кај кодовите ограничени по купувач, употребата ја бележиме по телефонот); за нарачка на фирма и назив на фирмата, ЕДБ и, ако е потребно, адресата на седиштето.
- При регистрација: име и презиме, е-пошта, телефон и лозинка (лозинката ја чуваме само во заштитена, неповратна форма); по ваш избор назив на фирма и ЕДБ, адресата ако ја внесете во профилот, и листата на производи што ја зачувувате.
- При пријава за мајсторски услови: дејностите со кои се занимавате, опис ако изберете „Друго“, две слики од изведени работи и пораката за нас (ако ја напишете). Сликите ги намалуваме и од нив ги бришеме скриените податоци, како што е локацијата; ги гледаат само овластени вработени.
- При пријава за дистрибутер (на сајтот или на порталот за дистрибутери): назив на фирмата и ЕДБ, име и презиме на лицето за контакт, е-пошта, телефон, лозинка и краток опис на вашите продавници (ако го напишете).
- При нарачка преку порталот за дистрибутери: лице за контакт и телефон, адреса за испорака, забелешка и вашиот број на нарачката (ако го внесете).
- Кога ни пишувате преку формуларот за контакт: име и презиме, телефон и/или е-пошта и пораката.
- Кога аплицирате за работа: позицијата, име и презиме, телефон, е-пошта (ако ја внесете), текстот за вас и CV-то (ако го приложите).
- Технички податоци, само за заштита од злоупотреба (на пример, премногу обиди): IP-адреса и време на регистрација, најава, нарачка, внес на код за попуст или праќање формулар; кај нарачка и телефонот, а кај најава, барање нова лозинка или повторно праќање на пораката за потврда — кодиран запис на е-поштата.
- Додека сте најавени, системот за најава ги чува IP-адресата и видот на прелистувачот за вашата сесија. Давателот на хостинг (Vercel) води технички записи за барањата до сајтот (IP-адреса, страница, време) и ги чува кратко, според своите правила.
- Кога ви праќаме е-пошта: видот на пораката (на пример потврда за нарачка или врска за нова лозинка), на која нарачка или сметка се однесува, кога е испратена и дали давателот на услугата ја прифатил. Адресата ја бележиме само скратено (на пример ma***@gm***.com), а содржината на пораката не ја зачувуваме посебно: ја создаваме од нарачката во моментот на праќањето.
Не собираме податоци од платежни картички и не го обработуваме матичниот број (ЕМБГ). Кошничката се чува во вашиот прелистувач, а кај нас ја зачувуваме дури со нарачката. Листата на производи е во прелистувачот, а ако сте најавени се чува и во вашиот профил, за да ја имате на секој уред.
Полињата означени со ѕвездичка (*) во формуларите се задолжителни, а во формуларот за контакт и телефон или е-пошта: без нив не можеме да ја прифатиме нарачката, да ја отвориме сметката, да ја разгледаме пријавата или да ви одговориме. Останатите податоци ги давате по ваш избор.
Зошто ги користиме и врз која основа
- За да ја обработиме и доставиме вашата нарачка, да ве контактираме за неа и за рекламации и гаранција (извршување на договор).
- За фактури и сметководство (законска обврска).
- За вашиот профил, листата и прегледот на вашите нарачки, ако сте регистрирани (извршување на договорот за користење на профилот, што го склучувате со регистрацијата).
- За да ја разгледаме пријавата за мајсторски или дистрибутерски услови и, ако ја одобриме, за вашите цени и услови и за пристапот до порталот за дистрибутери (постапување по ваше барање пред склучување договор, а потоа извршување на договорот).
- За да одговориме на пораката што ни ја пративте преку формуларот за контакт, врз основа на согласноста што ја давате во формуларот.
- За постапката за вработување, врз основа на вашата согласност дадена при пријавата.
- За безбедност на сајтот и спречување злоупотреби (легитимен интерес).
Согласноста можете да ја повлечете во секое време, со порака на info@agnesa.mk; повлекувањето не влијае на законитоста на обработката пред тоа.
Не ги користиме вашите податоци за реклами и не ги продаваме. Не донесуваме одлуки за вас само со автоматска обработка: пријавите за посебни услови ги разгледуваме рачно. За друга цел би ги користеле само со ваша претходна согласност.
Е-пошта што ви ја праќаме
Праќаме само пораки поврзани со вашата нарачка или профил:
- потврда за нарачката, со деталите, Условите за користење и купување (PDF), упатството и образецот за откажување, а кај вирманско плаќање и профактурата (законска обврска да ви ја потврдиме нарачката на траен носач и извршување на договор);
- потврда за нарачка преку порталот за дистрибутери (извршување на договор);
- потврда на е-поштата при регистрација, врска за нова лозинка и известување кога лозинката е сменета (извршување на договорот за профилот и безбедност на сметката).
Не праќаме рекламни пораки ни билтени; ако некогаш воведеме, прво ќе побараме ваша согласност. Во пораките нема скриени слики ни врски за следење: не бележиме дали и кога сте ја отвориле пораката ни на што сте кликнале.
Автоматските пораки од сајтот ги праќаме преку услугата ZeptoMail на Zoho, од податочен центар во Европската Унија.
Врската „Погледни ја нарачката“ во потврдата е ваш личен пристап до нарачката без најава — не ја препраќајте.
Ако при нарачката не внесете е-пошта или потврдата не може да ви се испорача, ја добивате печатена, со пратката или при подигањето.
За нова нарачка, порака од формуларот за контакт, пријава за работа или барање за услови, вработените добиваат само известување дека пристигнале, без вашите податоци и без содржината; содржината останува во нашата база и се брише по роковите подолу.
Податоци од стариот сајт
На 26.09.2026 ги пренесовме купувачите и нарачките од претходната интернет продавница на Агнеса (agnesa.mk) во оваа продавница: име и презиме, е-пошта, телефон, адреса, назив на фирма (ако бил внесен), групата на купувачот, дали сте имале сметка и историјата на нарачките (производи, износи, адреси за достава и плаќање, начин на плаќање, искористени кодови за попуст и поени, броеви за следење на пратките и статус). Нарачките направени на стариот сајт по тој датум и купувачите од нив ги пренесовме подоцна, на ист начин. Лозинките не се пренесени, па старата сметка тука не важи; ако сакате профил, регистрирајте се повторно.
Податоците ги обработува истиот контролор, Агнеса, за истите цели: евиденција на нарачките, рекламации и гаранција, сметководство и услуга за купувачите (извршување на договор, законска обврска и наш легитимен интерес услугата да продолжи без прекин по преминот на новиот сајт). Не ги користиме за реклами. Ако не сакате да ги чуваме, пишете ни на info@agnesa.mk: ќе ги избришеме, освен оние што мора да ги чуваме по закон.
Стариот сајт agnesa.mk престана да работи на 21.10.2026. Податоците собрани таму ги чува давателот Medusa Cloud по наш налог, само до нивното бришење, кое го бараме до 31.10.2026.
Кој ги добива податоците
- Курирската служба Ин Пошта Радески: име, телефон, адреса и износ за наплата, само за доставата.
- Давателите на услуги Vercel (хостинг на сајтот) и Supabase (база на податоци, најава и складиште на фајлови). Тие ги обработуваат податоците само по наш налог.
- Medusa Cloud, давателот на стариот сајт, за податоците собрани таму, до нивното бришење.
- Zoho Corporation B.V. (Холандија), давател на нашата е-пошта info@agnesa.mk (Zoho Mail) и на услугата ZeptoMail преку која ги праќаме автоматските пораки од сајтот: адресата на примачот, насловот и содржината на пораката, само за да ја испорача. Записите за праќањето (адреса, наслов, статус) Zoho ги чува 60 дена, а содржината на пораките не ја зачувува. Ова важи за ZeptoMail; пораките што ни ги пишувате на info@agnesa.mk и нашите одговори се чуваат во нашето поштенско сандаче кај Zoho Mail. Адресите на кои пораката не може да се испорача ги става на листа за блокирање додека не ги отстраниме. Обработува само по наш налог.
- Надлежните органи, кога тоа го бара законот.
Соработниците чии кодови за попуст ги користите (на пример, инфлуенсери) не добиваат ваши лични податоци.
Каде се чуваат податоците
Податоците ги чуваме во Европската Унија, во Франкфурт (Германија): базата и фајловите кај Supabase, а сајтот работи на серверите на Vercel. Supabase и Vercel се компании од САД. Нивната техничка поддршка и некои нивни подобработувачи (на пример, мрежата за брза испорака на содржината) можат да имаат пристап до податоците и од земји надвор од ЕУ, вклучително САД. За таков пристап, условите за обработка на податоци на овие даватели предвидуваат заштитни мерки: стандардни договорни клаузули одобрени од Европската комисија и, каде што важи, рамката за заштита на податоците меѓу ЕУ и САД (EU-U.S. Data Privacy Framework).
Е-поштата ја праќаме и примаме преку Zoho, во неговите податочни центри во Европската Унија. Техничката поддршка на Zoho може да има пристап и од земји надвор од ЕУ, вклучително Индија и САД; за таков пристап, според Политиката на приватност на Zoho, меѓу компаниите од групацијата Zoho важат договори засновани на стандардните договорни клаузули на Европската комисија. Податочните центри на Zoho во Европската Унија се во Амстердам (Холандија) и Даблин (Ирска).
Колку долго ги чуваме
- Нарачките, вклучително и оние од стариот сајт: 3 години од завршувањето на нарачката, заради рекламации, гаранција и доказ за купувањето. По тој рок податоците за купувачот во нарачката (име, телефон, е-пошта, адреси и белешки) ги бришеме или ги анонимизираме, така што остануваат само производите, износите и датумот, без податоци по кои може да ве препознаеме. Фактурите и фискалните сметки се чуваат во нашиот сметководствен систем според сметководствените прописи.
- Профилот и податоците за купувачот (и оние пренесени од стариот сајт), листата и одобрената пријава за мајстор или дистрибутер, вклучително сликите од изведени работи: додека не побарате бришење. Ако пријавата за мајстор ја одбиеме, дејностите и сликите ги бришеме веднаш.
- Пораките од формуларот за контакт: 24 месеци од приемот.
- Пријавите за работа и CV-јата: 12 месеци од приемот.
- Техничките податоци за заштита од злоупотреба: најмногу 2 дена.
- Дневникот на промени во администрацијата: за промените на личните податоци бележиме само кои полиња се сменети, кога и од кого, без самите податоци; записите ги чуваме 2 години.
- Записите за испратените е-пошти (вид, нарачка или сметка, време, статус): 24 месеци; скратената адреса во нив: 30 дена; записите за пораките за сметката (нова лозинка, потврда на е-пошта, сменета лозинка): 90 дена.
- Врските за нова лозинка и за потврда на е-пошта: до искористувањето или истекот (најмногу 7 дена); записот за нив се брише еден ден потоа.
Пораките, пријавите, техничките податоци и записите за е-пошта по истекот на рокот се бришат автоматски. На ваше барање податоците ги бришеме и порано, освен оние што мора да ги чуваме по закон.
Вашите права
Имате право да побарате пристап до вашите податоци, исправка, бришење, ограничување на обработката и пренос на податоците, како и право на приговор и право да ја повлечете согласноста. Името, телефонот и адресата можете да ги поправите и сами, во профилот. За сè друго барањето го праќате на info@agnesa.mk или го предавате во нашите продажни салони: бришењето на профилот и преземањето на податоците засега не можат да се направат сами на сајтот. На барањето за исправка постапуваме најдоцна за 15 дена, на барањето за бришење најдоцна за 30 дена, а на сите други барања одговараме најдоцна за еден месец; кај сложени барања тој рок можеме да го продолжиме за уште два месеци, за што ќе ве известиме во првиот месец. Пред тоа може да побараме да потврдите дека барањето е ваше. Барањата се бесплатни. Како да поднесете барање и обрасци: страницата „Заштита на лични податоци — вашите права“. Податоците што мора да ги чуваме по закон ги бришеме дури по истекот на законскиот рок. Ако сметате дека податоците се обработуваат спротивно на законот, можете да поднесете барање за утврдување на прекршување на правото на заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци (www.azlp.mk), како и да побарате судска заштита.
Малолетни лица не смеат да даваат лични податоци без согласност од родител или старател.
Контакт за заштита на личните податоци
- Име: Едмонд Весели
- Телефон: +389 71 375 290
- Е-пошта: info@agnesa.mk
Безбедност
Податоците ги чуваме со соодветни технички и организациски мерки: шифрирана врска (HTTPS), ограничен пристап само за овластени вработени и заштита од неовластен пристап. Вработените што имаат пристап се обврзани на доверливост. Врските за нова лозинка важат кратко (до 60 минути) и само еднаш; кога лозинката ќе се смени, ве известуваме на е-пошта и ве одјавуваме од другите уреди.
Промени
Оваа политика може да се ажурира. Датумот на последната измена е наведен на оваа страница.